Се сеќавате на приказната за Манго, куче од охридските улици кое во 2018-та година беше нападнато со секира од несовесен граѓанин? Е па таа се развива навистина филмски. Благодарение на брзата интервенција на граѓани и љубители на животни, Манго тогаш беше однесен на ветеринар каде успешно му беше санирана раната на главата. И оттука почнува убавата приказна на Манго.

По месеци рехабилитација во Охрид, Манго замина во пансион во Велес до неговото патување во странство. Повторно благодарение на добри луѓе од земјава, а најмногу од странство, операцијата на Манго како и неговиот пансион и подготовките за странство беа покриени. Волонтерите од Охрид Манго го предадоа на нивниот пријател Роберт во Будимпешта кој има вдомено лично 2 кученца од Македонија. Тој му најде прекрасен дом на Манго во Прага, Чешка, кај Матеј и Вилма кои веќе поседуваа миленик – женка мешанче од лабрадор, раскажува Анастазија Димзовска, активист за заштита на бездомните животни.

Манго веднаш се вклопи во новиот дом, а и не му требаше долго да го прифати и новиот член во семејството кој беше на пат. Малечко преслатко девојче кое се приклучи на веселото семејство неколку месеци подоцна, а Манго ја чува уште од првиот ден.

Кучето кое некогаш сакаа да го убијат со секира сега се грижи за двегодишно девојче како капка на дланка. Неговото семејство и ден денес не може да сфати како некој посегнал по животот на Манго, сега Барт. Тој е најмилото и најгрижливото куче што некогаш го имале, велат прекрасните Матеј и Вилма, кои во далечната Чешка ги отворија вратите од својот дом, но и своите срца за уште една душа, која беше на раб на смрт затоа што само се родил на улица во земја во која животот на бездомните животни знае да биде навистина суров.

Без разлика што тие се илјадници километри оддалечени од нас, Матеј и Вилма постојано ги поддржуваат и донираат за бездомните животни во нашата земја кои немаат среќа да најдат дом како Манго, вели младата Анастазија, која со неколкумина ентузијасти им помагаат на беспомошните животни во Охрид.

Г.М.