Сопружниците, едниот на шеесет и петгодишна возраст, другиот шеесет и четиригодишен, синоќа се враќале од Гостивар, дома во својата куќа во село Форино.
Жената само што ја отворила влезната врата и влегла во куќата била нападната. Двајца маскирани разбојници со црни фантомки на главите, гумени медицински ракавици и вооружени со пиштоли ја удриле жената по главата, ја врзале со селотејп на рацете и устата и ја оставиле да лежи во ходникот на приземјето.
Мажот кој во меѓувреме го паркирал автомобилот, го слушнал врисокот на жена си и притрчал да и помогне. Но, иако им давал силен отпор, разбојниците го совладале и него и го изврзале со селотејп за трпезариска столица. Го влечеле со столчето низ сите соби од куќата и барале да им каже каде се парите.
Кога ја пребарале целата куќа, украле пари и златен накит, чија вредност допрва ќе се утврдува. Со богатиот плен избегале низ отворената влезна врата. Нападнатиот жител на Форино успеал врзан за столчето, некако да излезе пред куќата.
Случаен минувач го забележал и случајот го пријавил во полиција. Сопружниците биле однесени во гостиварската болница, а од таму биле префрлени на скопските клиники. Жената била со потешки повреди на главата.
Од СВР Тетово велат дека е извршен увид на месото на инцидентот и работат на целосно расчистување на случајот.
извор: „Макфакс“