Во организација на Институтот за филм–Филмска академија Охрид и Филозофското друштво на Македонија, во Охрид ќе се одржи проекција на победничките филмови на 8-от Филозовски филмски фестивал.
Во рамки на фестивалот во петок, 4-ти мај, со почеток од 19.00 часот, во амифитеатарот на ФИОФА ќе се изврши проекција на филмот „Модерне кунст“ (2017) во режија на Марко Шантиќ, најдобар краткометражен филм според публиката и Специјално признание од жирито. Со својата форма, енергија и симболика, новата изложба започнува да го вознемирува „хармоничниот“ брак на Бојан. Комична приказна за брачна криза пренесена низ призмата на современата уметност.
Ќе биде прикажан и филмот „Граѓанинот“ (2016) во режија на Роланд Враник, најдобар долгометражен филм според жирито. Вилсон е Африканец кој живее во Будимпешта. Дошол во Унгарија како политички бегалец и сака да стане унгарски државјанин, но неколку пати по ред не успева во тоа. „Граѓанинот“ го отвора прашањето за местото и статусот на поединецот – граѓанин во една земја (матична или туѓа) или во светот воопшто. Што значи да се биде граѓанин денес? Филмот на суптилен начин го поставува ова прашање, во време кога, од една страна, сè повеќе се универзализираат еднаквоста, слободата и граѓанството, но од друга страна, се соочуваме со безбројни пречки на патот да се биде или да се (о)стане граѓанин денес. „Граѓанинот“ на унгарскиот режисер Роланд Враник е добитник на наградата за Најдобро сценарио на Фантаспорто филмскиот фестивал во Порто, Португалија.
OhridNews












