Охридските средношколци Никола Таштаноски и Бранка Бунташеска изработиле уникатен проект за заштита на животната средина и користење на обновливи извори на енергија, со кој успеале да станат финалисти на интернационалната средношколска натпреварувачка олимпијада за заштита на животната средина Global Environmental Issues – US ( GENIUS 2012 ) project olympiad, која ќе се одржува од 24-ти до 29-ти  Јуни 2012 година во Њујорк – Америка. 
Но младите научници кои имат по 16 години, не можат  целосно да му се радуваат на овој огромен успех, затоа што сеуште се загрижени дали ќе можат да ги соберат потребните финансиски средства за да отпатуваат во Њујорк и да го презентираат својот научен труд.

-Станува збор за интернационален натпревар на кој од вкупно 657 аплицирани проекти избрани се само 248, меѓу кои за прв  пат сме и ние со нашиот проект. Станува збор за меѓународна олимпијада по екологија која исклучиво опфаќа теми кои што се поврзани со Планетата земја, што ќе овозможат обновување на сето тоа што е уништено или да придонесат за заштита од загадувањето, вели Бунташеска.
Нејзиниот проект-партнер Никола, вели дека вложиле исклучително голем труд во самиот проект, а на сите истражувања и подготовки потрошиле повеќе од 4 месеци.

– Критериумите за селектирање на проектите се многу строги. Проектот се изготвува по одреден критериум, се испраќа и потоа стручни лица на олимпијадата одлучуваат  дали  проектот е прифатен или не е прифатен. Самата можност да аплицираме за ова натпреварување беше голем предизвик за нас,  па сериозно се зафативме за работа и буквално го работевме проектот секоја вечер, а некогаш и до 4 часот по полноќ, настрана од сите училишни активности, вели Таштаноски. 
Тој појасни дека одлучиле  да изработат  проект од областа на енергетиката затоа што сметале дека такво нешто ќе привлече поголем интерес кај комисијата за награди.

-Направивме истражувавања за обновливи извори на енергија и увидовме дека сончевата енергија е најблагороден и најполезен обновлив извор на енергија. Баравме метеријали кои што се евтини и кои можат лесно да се набават и да постојат во поголема количина на Планетата. На крај дојдовме до заклучок дека најдобро е да искористиме титаниум диоксид како хемиски елемент добиен во лабараторија и сок од овошје, при што успеавме да изработиме еден вид на соларна клетка на електро-продуктивно стакло, појаснуваат младите научници.
Тие нагласуваат дека  ангажирната  сончева енергија која ја претвориле во електрична не е доволна за да се осветли  еден објект или да работи еден автомобил, но е доволна да даде енергија на одредени сензори или мали апарати.
Ние претпоставуваме односно дел од работите веќе ги докажавме и сметаме дека доколку се спојат неколку соларни клетки ќе се произведе поголема енергија, појаснуваат Бранка и Никола. 
Тие велат дека би им било многу жал доколку целиот труд им пропадне и не успеат да заминат за Њујорк за да го презентираат.

-Откако ни беше соопштено дека сме дел од финалистите, секој ден е нова грижа за нас, зошто средствата кои се потребни за авио билетот се навистина високи, само за еден патувањето  чини најмалку 1500 евра, без дополнителни трошоци. Значи ние треба да си го обезбедниме само патот, додека пак сместувањето го обезбедува организаторот. Се обидовме со барање на спонзорства, но до сега никој не пројави интерес да ни помогне, а времето ни е кратко, затоа што до 25-ти мај треба да го потврдиме нашето присуство на олимпијадата, нагласуваат Никола и Бранка.
Тие за себе велат дека се деца што сакаат  да работат и да напредуваат и дека целта не им  е да прошетат до Америка.
– Дадовме навистина голем труд и би сакале да добиме можност да го покажеме нашето знаење пред останатите ученици од светот, велат младите научници и апелираат до сите јавни институции или компании од приватниот сектор кои се во можност да им излезат во пресрет и да им помогнат да заминат во Њујорк.
Инаку Таштаноски и Бунташеска кои моментално се стипендисти на Приватното средно училиште ,,Јахја Кемал” од Струга, во основно училиште направија научен проeкт за пастрмката, кој стана дел од меѓународен научен труд.
Е.М