Економските предизвици во екот на енергетската криза, инфлацијата и развојот на финансиските пазари, а со тоа и развојот на стопанството и економијата во фокус на 21. Годишна берзанска конференција што се одржува во Охрид.

Министерот за финансии Фатмир Бесими истакна дека нашиот пазар не е изолиран од тоа што се случува на европскиот и светскиот пазар. Како земја со отворена економија 140% од БДП отпаќа на трговијата, увоз и извоз, потенцирајќи дека најголемиот дел, 80% од цел тој износ е трговија со ЕУ која во овој дел во моментов се соочува со енергетската криза.

Како отворена економија сме изложени на тие предизвици и сега ги правиме проекциите и подготовките за наредната година, но и за тоа како ќе се справуваме во зимскиот период со енергетската криза. Во делот на мерките и тоа што треба да се направи Владата ги прави сите подготвителните активности. Во постојана комуникација сме со деловната зедница и со другите чинители за да ја менаџираме целава ситуација. Исто така, исклучително важно е во овој период да се продолжи со реформи со кои на среден и долг рок ќе обезбедиме одржлив развој. На оваа тема денес и разговараме, за берзата и финансиските пазари каде што Владата исто делува со свои инструменти на финансискиот и пазарот на обврзници, како и на други начини на финсирање кои значат подобро планирање на јавните финансии, рече Бесими.

Потенцираше дека нема да биде лесно да се справиме со енергетската криза, но се прават сите подготовки како и за ковид кризата и  инфлацијата. Додаде дека тоа што е нормална реалност после ковидот е да се прилагодиме да живееме во услови на криза, а притоа да се направат сите реформи за излез од истата и менаџирање на реформите за средорочен и долгорочен раст.

Излеговме од рецесија каде имаше негативни стапки на раст. Сега има забавени стапки на раст, но се уште се движиме на ниво на економски раст. Предизвикот останува голем, но ги преземаме сите чекори, затоа имавме и ребаланс на буџет, работиме на тој дел да може да ги поддржиме сите аспекти во овој период, но секако шокот на светско ниво не може да се надмине само во буџетот. Секој на свој начин ќе треба да придонесе и преку заштеда на електрична енергија и со други начини на воздржување на потрошувачка на енергија, но генерално и во прилагодување на овие нови прилики на пазарот за да можеме заеднички, како јавниот, така и приватниот сектор и граѓаните да излеземе со помалку штета од целата ситуација со енергетската криза. Кога говориме за тоа дали државата ќе даде поддршка тоа подразбира или повисоки даноци или поголемо задолжување. Затоа е важно секој да го даде својот придонес и да можеме полесно се да пребродиме, потенцираше Бесими.

Главниот извршен директор на Македонска берза, Иван Штериев истакна дека Конференцијата се одржува во интересен пазарен амбиент и за нашата берза, а секако и за глобалните берзи и економијата во глобала.

Прометот оваа година на Македонска берза изнесува до сега некои 92 милиони евра, од кои 54 милиони евра е промет со акции во БЕСТ системот. Тоа споредено со последните неколку години е одредено намалување, зошто последните две години беа најдобри во последната деценија. Овој промет, ако со оваа динамика заврши, ќе биде во некоја златна средина ако се гледаат нашите прилики во последната деценија, вели Штериев.

Додава дека цените на акциите се намалени, индексот МБИ 10 е некаде -7%, што е во рамки на другите регионални берзи. Во Љубљана е -10, во Бугарија и Хрватска се некаде -4 до -5%. Сите регионални берзи, вели, ги следат трендовите на глобалните берзи каде падовите на цени се уште се поголеми, значи постои една корелација што генерално е позитивна и  покажува една интеграција на нашиот пазар со светскиот пазар.

Руско-украинската криза се одрази на намалување на прометот оваа година, тргувањето со акции во БЕСТ ситемот е намалено за некои 13% во споредба со истиот период лани. Тие состојби се одразуваат на т.н пазарен сентимент, на динамиката на тргување и ќе имаме релативно послаба година во споредба со претходните две, но нагласувам дека тие беа две најдобри години во последната деценија, значи базата за споредба е доста висока. Се чувствува и енергетската криза со одредено намалување на прометот, состојбата е влошена во однос на претходните две години, но не е ништо посебно драматично во динамиката на тргување засега. Имаме влошување, но не од драматични размери, потенцира Штериев.

Треба да се има предвид дека на берзата се отсликуваат индустриските сектори од компаниите кои се котирани и тргуваат на берзата. Кај нас воглавно котирани се банките, имаме компании од фармацијата, телекомуникацискиот сектор, градежништвото, вели Штериев.

Нивното финансиско работење заклучно со шетсмесечјето од оваа година беше добро во услови на овие општо кризни состојби. Сите со нетрпение очекуваме рапортирање на финансиските резултати на компаниите на берзата за девет месеци, а тоа ќе се случи на крај на октомври. Така да инвеститорите ќе го следат тоа, додава Штериев.

Инаку, на конференцијата учествуваат над 200 учесници,  меѓу нив домашни и меѓународни експерти, претставници од бизнис секторот, банки, брокерски куќи и акционерски друштва.

Н.С.Ј.