Царинската управа на Република Македонија денеска потпиша Меморандум за соработка со Државниот инспекторат за транспорт и со Капетанија на пристаништата – Охрид при Министерство за транспорт и врски, јавува „Макфакс“.

Меморандумите ги потпишаа директорите на трите институции Ванчо Каргов, Руфат Хусеини и Горан Устијаноски.

Потпишувањето на меморандум за соработка помеѓу Царинската управа и Државниот инспекторат за транспорт, произлезе од потребата за взаемна соработка заради примената на царинското законодавство и законите со кои се регулира превозот на патници во патниот сообраќај.

Со потпишувањето на меморандумот, преку напреден систем на размена на податоци помеѓу институциите, ќе се овозможи значајно подобрување во спречувањето на кршење на царинското законодавство со кое се нанесува штета на економските, трговските, фискалните, општествените и културните интереси на Република Македонија.

Меморандумот за меѓусебна соработка помеѓу Царинска управа и Капетанија на пристаништата – Охрид, предвидува повеќе законски одредби меѓу кои и одредби од Законот за ратификација на спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Албанија за воспоставување на меѓудржавна патничка бродска линија Охрид-Поградец.

Размената на податоци помеѓу двете институции има за цел поуспешен преглед и контрола на документи и пловни објекти, нивно евидентирање во соодветна евиденција, подготовка за физички преглед на пловните објекти од аспект на безбедност, оштетувања и сл.

Меѓусебната соработка ќе овозможи подобрување на контролата и безбедноста на граничните линии на езерата во Република Македонија, почитување на мерките на трговска политика, заштита на населението од аспект на безбедност, заразни болести, распостранување на оружје и наркотици, правилна примена на царинските и другите закони во Република Македонија.

OhridNews

извор: „Макфакс“