Финските туристи кои оваа година летуваа на охридското крајбрежје се задоволни од одморот во најголемиот македонски туристички центар.

Во интерната анкета на финскиот тур-оператор „Ауринкоматкат“, туристите од оваа северноевропска земја најмногу пофалби упатиле за гостопримството, а најмногу забелешки имале на јавната чистота.

Според одговорите на прашалникот кој содржел триесетина прашања, од можна оценка 5 Македонија добила 4,42.

Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, сметаат дека високата оценка ќе придонесе за зголемување на бројот на туристи од Финска во Македонија следната сезона, посочувајќи дека на тоа позитивно ќе влијаат  и најавите на домашните хотелиери за подобрување на сместувачките капацитети.

Ова лето околу 1000 туристи од Финска за прв пат  организирано прстојуваа во  Охрид. Аранжманите ги реализираше тур-операторот „Ауринкоматкат“ кој е дел од компанијата „Фин Ер“, преку кој годишно летуваат над 350 илјади туристи.

OhridNews