Промената на името на Охридскиот кеј од „Маршал Тито“ во кеј „Македонија“ ќе значи и промена на адресата на голем број граѓани и фирми кои имаат живеалишта односно седишта на оваа улица.
Според „член 7“ од „Законот за лична карта“ охриѓани кои живеат на кејот, нема да имаат потреба да ја менуваат адресата во своите лични карти, се до истекот на нивната важност односно нема да бидат обврзани веднаш да вадат нови лични карти.
-При промена на име на улица согласно со Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, личната карта на граѓанинот ќе важи до рокот на важење кој е наведен во личната карта, освен во случаите предвидени со членот 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за личната карта („Службен весник на Република Македонија“ број 19/2007 и 10/10), пишува во „член 7“ од овој закон.
Според неофицијални информации веднаш по промената на адресата на живеење во личната карта, ќе треба да се изврши промена и на адресата во пасошот, бидејќи податоците во овие два документа треба да се совпаѓаат.
Сопствениците на фирмите кои имаат седиште на кејот ќе треба да платат дополнителна давачка за промена на нивната адреса, која е резултат на новото име на кејот.
-Јас се распрашав во Централниот регистар која е процедурата по промена на името на улицата, која е седиште на фирмата. Таму ми објаснија дека треба да поднесам барање за промена на адресата на фирмата исто како да променувам локација. Значи треба да се пополни образецот ПП или „Пријава за упис и промена кај субјект во трговскиот регистар и регистарот на други правни лица“ и да се уплати околу 1600 денари. Откако ќе заврши постапката во регистарот најверојатно документите ќе треба да се заверат и кај нотар, што е дополнителен трошок, вели сопственик на фирма која има седиште на кејот во Охрид.
Според законската регулатива, фирмите кои имаат седиште на кејот по промената на податоците во Централниот регистар ќе треба да извршат и промена на адресните податоци во Управата за јавни приходи, а тоа ќе можат да го направат по електронски пат.
-Од 29 ноември 2012 година, за фирмите достапна е новата услуга на Управата за јавни приходи ,,е-Промена на податоци”. Преку користење на оваа услуга, фирмите можат брзо и едноставно преку телефонско јавување на бесплатниот број 0800 33 000 да извршат промена на нивните податоци кои се водат во Регистарот на даночни обврзници на УЈП. Заради осигурување на висок степен на безбедност и заштита на податоците, даночниот обврзник услугата ќе може да ја користи само со ПИНКОД, кој е задолжителен за идентификација и без кој не може да се врши промена на регистрационите податоци. За доделениот пинкод, секоја фирма и ново регистриран даночен обрзник ќе добие известување од УЈП преку пошта, пишува во појаснувањето за услугата „е-Промена на податоци“.
Во појаснувањето стои дека со користење на оваа услуга се заштедува време и трошоци за пријава и ажурирање на податоците за даночни цели.
Е.М