Проблемот со одвивањето на сообраќајот и паркирањето во Охрид е комплексен и треба да се бара во недоследното применување на законските одредби кои ја регулираат оваа сфера и воопшто сообраќајот, сметаат експертите.
-Она што беше предвидено и што се обидовме да го воведеме со режимот на сообраќај, да функционираше како што е замислено тогаш ќе беше голем чекор напред. Но за жал во нашата практика многу работи се извитоперуваат. Можете да замислите што би било да не се пренаменеа гаражите во дуќани, во соби за издавање, во ресторани , за сите ќе имаше паркинг места и немаше да има никаков проблем. Сега ние како комшии меѓу себе си вадиме очи чија кола, каде затанала, а се работи за системско решение кое треба да биде решено со еден генерален или детален урбанистички план или сообраќајни решенија кои верувајте се даваат формално, а не би требало да се издаваат формално и на угостителски објекти и на станозидавачи и на сопственици на други објекти, изјави Томислав Тунтев, доктор по сообраќајни науки.
Тој посочува дека регулирањето на паркингот во Охрид покрај тоа што треба да биде во функција на непречено одвивање на активниот сообраќај, треба да обезбеди простор за паркирање на возилата на туристите.
-Во Охрид треба да има паркинг простор за гостите кои доаѓаат секогаш, бидејќи тоа е во интерес на туризмот и градот. За да дојдат гости и за да трошат тука мора да им се обезбеди паркинг простор. Еден од начините да се направи тоа е да се воведе паркирање со наплата. Концесионирањето е добар начин, затоа што согласно законот можете да го условите концесионерот да имплементира одредени системски или технолошки решенија кои ќе го подобрат протокот, ќе ја зголемат безбедноста и секогаш ќе има паркинг места за гостите, вели Тунтев.
Тој не смета дека цената на паркирање во центарот на Охрид е превисока од аспект на гостин, но тоа е проблем за жителите на градот кои тука живеат 365 дена.
-Кога патувам на страна и треба да платам паркинг во центар никаде немам платено поевтино отколку во Охрид, вели Тунтев.
Проблемот околу паркинзите во Охрид е актуелен подолг период. Граѓаните реагираат на цената од 50 денари за час, таксистите на селективниот однос кон нив при пропуштање на возилата во централното градско подрачје, а полицијата на безбедноста и застојот во сообраќајот кој се јавува на рампите за влез и излез од паркинг, поради што СВР Охрид побара нивно отстранување.
Градоначалникот Петрески најави дека ќе го спроведе ваквото барање и дека ќе бидат преземени мерки за отстранување на воочените слабости со паркирањето. При тоа тој не ја исклучи можноста од раскинување на договорот за концесија со паркинзите во Охрид, за подоцна да објасни дека тоа би можело да биде на штета на општината, и дека решението ќе се бара во измени на условите за управување со паркинзи и воведување на зонски паркинг со различни цени на услугите.
Опозицијата во градскиот совет ваквите ставови ги смета за недоследни и тврди дека не се во насока на решавање проблемите со паркирањето, за кои, според неа, е одговорна локалната самоуправа, а последиците ги сносат граѓаните на Охрид.