Поттикнување на соработката помеѓу асоцијациите и компаниите од Западен Балкан кои работат во секторот на авантуристички и еко и рурален туризам и во исто време разгледување на можноста за креирање на една заедничка регионална Асоцијација за развој на авантуристичкиот туризам за Западен Балкан е една од главните цели на тридневниот регионален собир кој се одржува во Охрид во организација на Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) и регионалниот проект на УСАИД за Економски развој, управување и раст на претпријатијата.
Една од нашите цели е да го поттикнеме развојот на туризмот во регионот на Западен Балкан преку заеднички иницијативи и напори на претставување на целиот регион на сите држави од целиот Западен Балкан како една заедничка туристичка дестинација. Нашата цел е да видиме дали идејата за формирање заедничка Асоцијација ќе биде поддржана од компаниите и од асоцијациите во сите овие држави и да видиме кој модел би бил најсоодветен за да се создаде една таква Асоцијација. Бидејќи сите држави во нашиот регион се релативно мали и за туристите кои доаѓаат од подалечни дестинации пореално е да сакаат да посетат повеќе држави кога ќе дојдат со едно патување, вели Јасминка Варналиева, директор на проектот на УСАИД.

Очекуваме да видиме повеќе тури, повисок квалитет на се што се нуди, хармонизација на стандарди, кодекс на соработа и слично се со цел што повеќе туристи. Бидејќи тоа што покажуваат анализите Западниот Балкан е дестинација која е од голем интерес особено во овој сегмент. Зошто овој сегмент? Неколку пати денес и на самите презентации беше споменато дека 65 % од трошоците при вакви тури остануваат на локално ниво. Сметаме дека економски неверојатно одговара секторот, одговара и затоа што станува збор за одржлив туризам што сметаме дека сега е клуч кога се зборува за климатските промени и едноставно убаво е кога во една посета се гледаат повеќе земји, но и кога знаеме дека има договор помеѓу земјите на нешто што се вика минимум стандард кој ќе се обидат да го почитуваат во иднина, додава Палацо.

Треба да се направат одредени правила на игра, проекти, кофинансирање и нормално промоција на продуктите кои ќе се создадат во склоп на оваа Асоцијација. Една работа што има Западен Балкан што немаат другите во Европа тоа е нашата историја, култура и традиција, нашите херои за кои се бориме. Во комбинација со културата, историјата и планините, тоа е уникатноста наша, народот, цивилизациите кои поминале тука тоа е нешто што можеме да го понудиме што е различно од другиот дел, вели Јаневски.

Авантуристичкиот туризам е многу интересен бидејќи во суштина самите луѓе не очекуваат многу бидејќи знаат што е Балканот, но убавината е што секогаш добиваат нешто екстра, што не очекуваат во нивните продукти, додава Јаневски.
Н.С.Ј.












