Обезбедување на 24-часовна подготвеност, постојано следење на временските услови и навремено одржување на патиштата и улиците во општина Охрид, ќе биде целта на Кризниот штаб кој го формираше Јавното претпријатие „Охридски Комуналец“ за оваа зимска сезона.

Ова беше истакнато на денешниот кординативен состанок за одржување на патиштата во зимски услови, на кој присутвуваа претставници од општина Охрид, ЈП „Охридски Комуналец“, СВР – Охрид, општина Дебрца како и претставници од Агенцијата за патишта и Јавното претпријатие „Македонија пат“.

-Обезбедени се потребните количини на сол и ризла како и потребната механизација за расчистување на тротоари и тесни улици, а дополнително ќе бидат вклучени и четири правни субјекти кои во зависност од ситуацијата и потребите, ќе бидат ангажирани за одржување на патните правци. Во наредниот период Локалната самоуправа ќе ја донесе и новата програма која ќе биде благовремено доставена до сите инволвирани субјекти, информираа од општина Охрид.

Како превентивна мерка, СВР – Охрид има изработено флаер кој ќе служи за информирање на учесниците во сообраќајот за обврските кои ги имаат во текот на зимата.

-Оваа година значително е подобрена безбедноста во сообраќајот што го потврдува и фактот дека на територија на општина Охрид се случиле 50 сообраќајни незгоди без значителна штета, за разлика од претходната година кога се случиле 68 сообраќајни незгоди во кои била причинета поголема материјална штета, велат од СВР-Охрид.

Јавното претпријатие „Македонија пат“ од оваа година воведува дежурна телефонска линија на која граѓаните ќе можат да ги пријавуваат критичните точки на кои е оневозможено непречено движење на возилата. Исто така од „Македонија пат“ информираа дека за оваа сезона, навремено се набавени потребни количини на сол и ризла и дека е зголемен бројот на механизација која ќе биде ангажирана за одржувањето на патните правци.

OhridNews