Во Охрид се одржа основачко собрание на здружението на музичари на Охрид и Струга „Охридски музички еснаф“, во кое членуваат околу 80 музичари од двете општини.
За претседател на здружението е избран Игор Бежаноски, кој истакнува дека основната цел поради која е основано здружението е заштита и унапредување на условите за работа на музичкиот еснаф.

– Здружението има цел активно да се вклучи во културните збиднувања во Охрид, Струга и пошироко, а ќе делува во насока на заштита и промоција на охридската староградска музика, вели Бежаноски.

На собранието беа избрани органи и тела на здружението. Донесен е статут, програма за работа за 2018 година, а се формира и извршен одбор од 30 членови и претставници на музички групи и самостални уметници.

OhridNews