Демократскиот сојуз, ФРОДЕМ, МОРО–Работничка партија и ДЕМОС формираа „ Коалиција за промени и правда” (КПП), како што беше истакнато при отворањето, во интрес на понатамошно заедничко дејствување во услови на исклучително сложена политичка состојба. Претставниците на Коалицијата ги истакнаа клучните приоритети содржани во Платформата, а околу кои „Коалицијата за промени и правда“ (КПП) се обединува и ги афирмира пред македонската јавност.  

„ Платформата за дејствување, претставува одговор на граѓанскиот предизвик, да се формира нов, силен политички блок, кој ќе дејствува за да се случат промени и правда во Македонија. Наша цврста определба е дека во Македонија мора да се спроведат длабоки реформи, за да се создадат услови за фер, демократски и кредибилни избори. Не е можно креаторите на кризата, сега самите тие, да се наметнуваат како спасители на државата. Тие што ги кршеа изборните правила, ги прислушуваа граѓаните и ја ограбија Македонија, а Ѓорге Иванов, ги аболираше, нити сакам јас, ниту било кој треба со нив да разговара и преговара за слобода, демократија или владеење на правото. Уште помалку тие треба да бидат некаков фактор кој треба ЕУ и САД да го респектираат. Нема креативни и државнички решенија без да се вклучи во овие процеси граѓанскиот сектор, експертите и медиумите. Ние се залагаме за промени, промени кои никогаш повеќе нема да дозволат да се случи една партија, еден човек, една власт, рече меѓудругото Павле Трајанов, претседателот на Демократскиот сојуз.

Меѓу приоритетите на коалицијата ќе бидат: политичка и кривичноправна одговорност за сите кои ја вовлекоа Македонија во длабока криза, ефикасна борба против организираниот криминал и корупцијата, минимална плата од 300 евра, минимална пензија од 200 евра, независно судство преку реформа на судскиот систем и негово ослободување од притисоците на дневната политика, реизбор на сите судии (вклучително и на судиите на Уставниот суд) и на обвинителите.

OhridNews