„Човекот пред сé“ е мотото под кое новиот политички субјект, Фронт за демократска Македонија, вчера се претстави пред граѓаните, како партија која ќе се залага за демократизација, департизација, деполитизација и децентрализација на институциите на државата или нивните „четири Д“.

„Сите ние имаме обврска да понудиме политика која ќе биде заснована на принципи, која ќе биде заснована на вредности и доблести, на кои ќе треба да се темели идното македонско општество“, порача еден од основачите на партијата Јове Кекеновски.

Додаде дека Фронтот е визија која посветено и ревносно ќе делува во правец да биде коректив на сите политичко општествени состојби. „Целта е да се прејудицираат сите критички точки од функционирањето на политичкиот систем, преку економскиот, социјалниот и притоа да се нудат конкретни решенија за актуелните состојби и проблеми во една визија за просперитет на македонското општество и по режимот на оваа власт“, додаде Кекеновски.

Како Фронт за демократска Македонија нудиме демократска, консолидирана и просперитетна Македонија, како современо демократско, инклузивно, иновативно и рефлексивно општество, порачаа од ФРОДЕМ.

Исто така тие нудат општество со демократски, непартизирани и професионални институции, кадешто државата ќе биде одвоена од партијата, општество со развиена демократска свест, во чијшто центар на внимание е човекот како индивидуа.

„Ниедна платформа не го нуди она што ние го нудиме, на пиедесталот да го ставиме достоинствоот на човекот, интегритетот на човекот. Затоа што за разлика од на сите досегашни, сите претходни едноставно на човекот гледаа како дел од еден контролиран колективитет како средство за реализација на личните, партиските и лукративните цели“, рече Кекеновски.

ФРОДЕМ предлага и нов економски концепт на забрзан економски развој, заснован на концентрирано знаење и оптимална употреба на материјалните ресурси, наспроти секојдневното задолжување и шминкање на неодржливиот економски систем на продажба на евтина работна сила и распродажба на националните ресурси и интереси. Нуди создавање исти услови за домашните и за странските стопанственици при инвестирањето во државава и спречување на одлевање на бизнисот во соседните држави.

„Ние треба да имаме добро образование здравствен систем, а да обезбедиме иднина. Ако имаме добро образовани млади луѓе, или добар занаетчија, а од друга страна, тоа се здрави луѓе, нема да се исплашам колкав и долг да имам. Ќе го вратам. Но, ако младите ни заминуваат, а во државата остануваат луѓе со нарушено здравје, тогаш треба да се загрижиме“, рече Трифун Костовски, уште еден од основачите на ФРОДЕМ.

Според Сашо Тасевски, Македонија во последните години сама се изолирала, а време е да се врати на својот колосек, како најуспешна земја на Балканот, која граби кон Европа и НАТО.

Основачите на Фродем ги повикаа сите добронамерни, слободномислечки индивидуи и асоцијации да се охрабрат, да се одважат и да го кренат својот глас и да се приклучат на Фронтот за демократска Македонија, „зато што ние немаме резервна татковина.  Време е за нова полтичка сила на овие простори“.

OhridNews

Извор:„Макфакс“