Пет дена, околу 200 дечиња на возрасот од 7 до 11 години ќе бидат дел од Отворената фудбалска школа во Охрид која е поддржана од Данската фудбалска федерација и Општина Охрид. Отворената фудбалска школа со работа започна денеска, а во текот на следниве денови дечињата низ игра и забава ќе другаруваат и спортски ќе се едуцираат.

  • Дечињата на овој настан кој има светски размери низ игра и забава ќе играат фудбал и други спортови. На Отворената фудбалска школа учествуваат дечињата кои не се толку физички активни и што не се членови на фудбалските школи. Општина Охрид е партнер на овој настан учествувајќи со одредени финансиски средства во организацијата. – изјави Професорот по физичка култура, Јоне Станкоски.

Според него, вакви настани се повеќе од потребни за дечињата кои моментално се во фаза на развивање. Тој вели дека бројките кои кружат за деформитети кај дечињата се поразителни и родителите мораат да го користат секој начин да ги изнесат дечињата на улица или спортски терен.

Бенефитот од овој настан покрај едуцирањето, забавата и играта на дечињата е тоа што целата опрема со која располага Отворена фудбалска школа ќе остане во Охрид и ќе биде распределена во Основните и Средните училишта и фудбалските школи.

OhridNews