Наскоро почува зимската сезона, коловозите ќе станат лизгави и затоа од исклучително значење е навреме да се заменат гумите на автомобилите со соодветни. Ама тоа никако не подразбира дека старите и неупотребливи гуми да се „одложат“ во Охридското Езеро. Напротив треба соодветно да се складираат или да завршат на отпад за таа намена. Но, како и многу други работи, несовесни граѓани Езерото го користат како депонија во која се фрла се и сешто.

Поголема количина автомобилски гуми и уште нешто цврст отпад од езерото кај Сараиште извади нуркачот и член на клубот „Акватек“ Никола Паскали, кој изминатиот период со самостојни еко акции се обидува да ја подигне свеста за заштита на Охридското Езеро.

Претходно Никола од езерските води во центарот на Охрид извади и фрижидер, када, бојлер, машина за перење, правосмукалка… Последната акција во која тој „пронајде“ автомобилски гуми во езерото предизвика лавина коментари на социјалните мрежи, а еден беше посебно креативен.

Акција на зимски гуми 3 +1 гратис, за повеќе информации УНЕСКО.

Г.М.