Аргентинските пливачи Гилермо Бертола и Елизабет Сесилија Биаџоли триумфираа на Интернационалниот пливачки маратон на 10 километри кој денеска се одржа во водите на Охридското езеро.

Бертола делницата од 10 километри ја помина за време од 2 часа, 2 минути, 46 секунди и 68 стотинки победувајќи го Венцислав Ајдарски кој заостана нецела секунда (2.02.47.50) во неизвесен финиш. Третопласиран заврши Алехандро Хоакин Морено со време (2..02.49.39). Нашиот единствен претставник Александар Илиевски финишираше петти со десеттина минути заостанување.

  • Трката беше одлична, а на условите се навикнав, бидејќи претходниве денови имав можност да пливам во езерото. Целата трка ја поминавме рамо до рамо со останатите пливачи, а дури во петтиот круг се одлепивме тројцата. Во последните 50-тина метри дадов се од себе и успеав да победам. – изјави Бертола.

Неизвесност околу победникот имаше и во женската трка. Прва низ целта мина Биаџоли со време од 2 часа, 10 минути, 27 секунди и 69 стотинки. Втора финишираше Аргентинката Ромина Ивинкерлајд со време 2.10.42.62, а трета заврши Ерика Јенсен (2.23.43.57). Македонската пливачка Ева Петровска се пласираше на петтата позиција, а четврта беше минатогодишната победничка Василики Кадоглу од Бугарија.

  • Брановите во последните два кругови ми создадоа проблеми, но таков е овој спорт ништо не може да се предвиди пред трката. Им честитам на сите учесници, бидејќи навистина имавме добра трка. – рече Биаџоли.

Победниците на целта ги пречека Претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Васил Тупурковски, а вкупниот награден фонд на трката изнесуваше 3 400 евра. Трката на 10-километри будно ја следеа службите на Црвен крст од Охрид, езерската полиција и охридските капетанија, кои немаа ниту една интервенција.

Мх.П.