Попладнево, пропратено со традиционални обичаи и богослужба во црквата „Св. Никола Ѓеракомија“, се изврши примопредавање на кумството за големиот празник Богојавление – Водици.

 

Новите кумови, градоначалникот Никола Бакрачески и неговиот пријател, охридскиот бизнисмен Сашо Симески, го презедоа кумството од минатогодишниот кум, Стојан Ѓоргоски.

Чинот на свеченото предавање на кумството е една од најголемите  духовни вредности со која можат да се закитат новите кумови  и еден од најрадосните момент во животот на еден охриѓанец и македонец. Воедно наша обврска е овие мигови да ги споделиме со граѓаните, роднините, пријателите, обрска да ги споделуваме хуманите, моралните  и етички вредности и да шириме позитивна енергија меѓу верниците, рече новиот кум на манифестацијата, градоначалникот Бакрачески.

Минатогодишниот кум, Стојан Ѓоргоски упати честитки до новите кумови.

Им посакувам здравје, берикет, успех во работата и воедно упатувам благодарност до здружението „Богојавление“  за успешната организација, изјави Ѓоргоски.

Новите кумови и членовите на здружението „Богојавление“ информираа дека подготовките за одбележување на празникот се завршени и дека во недела,  на градското пристаниште, се очекува рекорден број на охриѓани и гости кои ќе го проследат чинот на фрлањето на светиот крст во водите на Охридското езеро.  

Т.К.