Со богата културна програма, староградска музика, рибни специјалитети и натпревари, помина денешната манифестација Денот на рибарите.
Овој настан го проследија голем број граѓани, кои покрај вкусната чорба се загреваа со неколку тони вино и греена ракија.
Исто така, присутните имаа можност да вкусат дел од домашните специјалитети, како традиционална пача и охридска плашица.
За музичкиот дел се погрижија охридските музички уметници кои исполнуваа староградски песни, а членовите на Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца на уникатен начин ги вратија охриѓани во минатото.
Екипите на Црвениот крст од Охрид се погрижија за безбедноста во вода и на копно, a еден член од спасителите на вода успеа да доплива до бурето со бело вино.
Оваа година, во ладните езерски води беа фрлени четири буриња, од кои едно беше со црвено вино.
Инаку, Петар Рупески од населбата Варош, беше најбрз и имаше најмногу среќа од стотината капачи кои денеска на празникот Св. Јован запливаа во ладните езерски води.
О.Т.