ГРК Охрид загуби минимално 29:30 од Нексе во последниот натпревар од групата А, но и покрај поразот „гладијаторите“ обезбедија пласман во финалето на IV Меѓународен меморијален турнир „Крсте Андоновски“.
Имено, со триумфот на Нексе над Охрид во А групата се создаде круг од три екипи со ист број на бодови во кој уште се најде и белградски Партизан. Охрид го совлада Партизан со пет голови разлика, а белграѓани беа подобри од Нексе за два гола. На крај првото место поради подобра гол разлика го освои Охрид со 4 бода колку што освоија и Нексе и Партизан. Последна на табелата заврши екипата на Киндил од Фарските острови.
Охрид лошо го отвори натпреварот. Домаќинот немаше одговор за цврстата одбрана и брзиот центар на Нексе со кој екипата од Хрватска го убиваше моралот на „гладијаторите“. Охрид во два наврати во првиот дел подолг период беше без постигнат гол, еднаш 5 минути, а вториот пат дури 10 минути. Нексе на одмор замина со 12:16, резултат кој нив ги ставаше на врвот, а Охрид паѓаше на 2 место.
Во вториот дел на терен видовме еден поинаков Охрид. Разликата на противникот брзо почна да се топи. Охрид најпрвин го стигна, а потоа и го презеде водството од Нексе. Во финишот домаќинот имаше 28:26, но грешките во нападот и одбраната и исклучувањата му овозможина на Нексе со гол од пенал на истекот на 60-та минута да забележи победа откако претходно Цирар заработи црвен картон.
За МВП на натпреварот беше избран голманот на Охрид Бојан Блажевски кој мечот го заврши со 13 одбрани. Најефикасен кај Охрид беше Лијапис со 5 гола.
Статистика ГРК Охрид:
Блажевски (13 одбрани), Чаневски, Стрмљан 4, Ојлески 3, Иванковиќ 4, Кукуловски 3, Шипинкоски , Ристески, Тасески 2, О.Реј, Савревски 2 (црвен картон), Јотиќ 1, Лијапис 5, Петриќ 1, Цирар 2 (црвен картон), Џукиќ 2.
Во финалето на турнирот „Крсте Андоновски“ што ќе се одигра утре (сабота) од 20 часот во салата „Билјанини извори“ Охрид ќе се сретне со Еурофарм Пелистер. Актуелниот македонски првак денеска одигра само нерешено со Динамо Панчево 24:24, но Вардар го совлада Тримо Требње со 32:30 и му направи услуга на лутиот ривал.
Утре на програмата се натпреварите за пласман на турнирот „Крсте Андоновски“. За 7 место ќе играат Киндил и Динамо Панчево, за 5 место Партизан и Тримо Требње, за 3 место ќе одлучува дуелот помеѓу Вардар и Нексе, а за пехарот ќе се борат домаќинот и Е. Пелистер.
Г.М.
Фото: А. Момироска