Естонски групи со опера, џез и балет, во идина би можеле да гостуваат на фестивалот „Охридско лето“, изјави естонскиот министер за култура Реин Ланг по вчерашната средба со директорката на фестивалот Елизабета Јанкуловска.
При посетата на Охрид, Ланг посочи дека ќе направат напори за ги спојат промоторите и менаџерите на фестивалите од двете земји, бидејќи тие одлучуваат за настапите.
– Ова е нешто што треба да го направат професионални институции, не министрите. Тие треба да овозможат контакти меѓу професионалците. Се надевам дека ќе ни успее естонците да видат македонски уметници, а македонците, естонски, рече Ланг.
Тој потсети дека минатата година свој настап во Охрид имал естонски музички бенд, со надеж дека во иднина охриѓани ќе може да видат и други естонски музичари и луѓе од културата.
Ланг рече дека постои можност за друга културна соработка размена на информации и имплементација на стратегии.
– Можеме да соработуваме околу зачувувањето на културното наследство, бидејќи вие имате долга историја на културно наследство, рече Ланг.
Во рамки на првиот престој во Македонија, Ланг денеска во Охрид ги посети Музејот на вода, Плаошник, Античкиот театар и други културно-историски споменици.