Екипата на АСП ПАК триумфираше на 20-то јубилејно издание на турнирот во мал фудбал „Велгошти 2025“, што заврши вечерва. Во големото финале што се одигра пред илјадна публика, АСП ПАК со 3:0 ја совлада екипата на Гранит Х која пружи солиден отпор.
Мечот почна цврсто и внимателно од двете страни. Гранит Х беше повеќе ориентиран кон одбрана и се обидуваше да направи нешто во нападот преку контри. АСП ПАК ја имаше иницијативата и со голот на Мишо Ѓорѓиески дојде до минимално водство на полувремето.
Во вториот дел младата екипа на ГРАНИТ Х се обиде да фати резултатски приклучок, но АСП ПАК беше поопасен пред голот на противникот. Благодарение на одличниот голман Ѓоко Бешироски неизвесно беше се до самиот финиш кога со два гола АСП ПАК го реши прашањето на победникот и заслужено стигна до трофејот.
Победникот на турнирот заработи 200 000 денари, второпласираната екипа доби 80 000, третопласираната 30 000, а четвртопласираната 10 000 денари.
За играч на турнирот прогласен беше Кипријан Петрески од АСП ПАК, а признанието за најдобар голман го доби Ѓоко Бешироски од Гранит Х.
Трофејот на победничката екипа и го врачи градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, кој беше покровител на турнирот во Велгошти.
Во знак на благодарност, организаторот му врачи признание на градоначалникот Пецаков за неговото залагање и поддршка на турнирот во Велгошти.
Претходно во малото финале Сатеска ја совлада екипата на Стоматолошки центар Др. Баткоски и го освои третото место на турнирот.
Фото галерија:
Со триумф на АСП ПАК заврши 20-от турнир во Велгошти
Г.М.
Фото: А. Момироска