Петар Цеков од ПК Вардар 2018 – Скопје во машка и Сара Јанковиќ од ПК Скопје, се победници на 46-то издание на малиот пливачки маратон, што традиционално се одржа денеска на празникот Илинден во водите на Охридското Езеро.

Наградите во машка конкуренција ги додели Виктор Дојчиновски – директор на човечки ресурси во Костал Македонија

Во конкуренција на пливачи 16+, Цеков патеката долга 2,5 километри од Горица до Охрид ја мина најбрзо со време 28.04.16 минути пред Евгениј Поп Ацев од ПК Вардар 2018 (29.30.02м.) и Теодор Тасевски исто така од ПК Вардар 2018 (35.10.12м.).

Се одржа 46. Мал пливачки маратон во Охрид. Фото: Анамарија Момироска I OhridNews

Во женска конкуренција Сара Јанковиќ од ПК Скопје победи со време 30.44.12 минути пред Росана Гошева од ПК Скопје (33.24.15м.) и Сара Атанасовска од ПК Нептун Скопје (34.26.12м).

Наградите во женска конкуренција ги додели Перчо Божиноски – претседател на советот на Општина Охрид.

Во втората категорија пливачи од 8 до 15 години (2010 и помлади), во машка конкуренција победи Александар Поповски од ПК Скопје со време 30.10.33 минути, пред Дамјан Сековски – ПВК Орион Скопје (32.50.18м.) и Виктор Вранишковски од ПК Бета Шарк (35.32.12мин.).

Во женска конкуренција најбрза беше Матеа Јанкоска од ПК Делфин Скопје со време 36.30.53 минути, пред клупската колешка Јана Хаџиспасова (38.24.14 м.) и Анастасија Цветановска од ПК Акваспирит Охрид (39.44.12м.).

Успешен организатор на малиот Илинденскиот пливачки маратон и оваа година беше П.К. „Охридски бранови 2008” – Oхрид. Патеката ја обезбедуваа медицински и спасувачки екипи на Црвен Крст – Охрид, а за регуларноста на трката се погрижија два судиски тимови.

Фото галерија:

Петар Цеков и Сара Јанковиќ победници на 46. мал пливачки маратон

На малиот пливачки маратон годинава учествуваа 67 пливачи од земјава и странство.

Г.М.
Фото: Анамарија Момироска