Со изложба на талентираните млади фотографки Анамарија Момироска и Ива Јовановиќ и поетски перформанс, вчера вечер свечено беше отворен Културниот центар „КУЛТ“.
Веќе долго време имам сон мојот град Охрид да биде вистински град на културата. Ова мало културно катче е чекор кон остварување на овој сон. Вечерва сме тука да го посведочиме раѓањето на тоа катче, а се надевам дека во иднина заедно ќе му помогнеме да порасне во нешто поголемо, истакна на отворањето на КЦ „КУЛТ“ сопственичката и менаџер Марија Христовска.
Изложбениот салон на новото културното катче, синоќа беше претесен да ги прими љубителите на фотографијата кои имаа можност да видат четириесеттина фотографии на модели, направени во студио и во надворешни услови на одбрани локации изработени во различен стил.
Преку изложбата насловена како Перспектива или Point of View, секоја од нив ни дава своја перспектива на видување на еден заеднички модел, предмет на фотографијата, истакна Христовска.
Анамарија Момироска е дипломиран економист и е официјален фотограф на информативниот портал и продукцискиот тим на Охридњуз. Ива Јовановиќ студира психологија и е фотограф на продукцијата „Love & Life“.
Љубителите на културата на отворањето на новиот културен центар во Охрид имаа можност да ужуваат и во поезијата на тројца наши поети, младата Мила Коруновска, реномираниот поет Ѓоко Здравески и познатата охридска поетеса Долорес Атанасова Лори. На гитара ги придружуваше талентираниот Јон.
Културниот центар „КУЛТ“ се наоѓа во ТЦ Амам, од страната на скаличките кои водат во охридската чаршија.
Фото галерија:
Отворен Културниот центар „КУЛТ“ во Охрид
Текст и фото: Г.М.