Екипата на Златара Бени Ерол триумфираше на турнирот во мал фудбал во Велгошти. Во финалето што се одигра вечерва пред полни трибини Златара Бени Ерол ги совлада Бразилиан со 3:0.

Финалето донесе неизвесност и голема борба. Тешко се доаѓаше до добра прилика, но затоа имаше удари од далечина кои голманите успеваа да ги скротат.

Првото полувреме не донесе промена во резултатот. Златара Бени Ерол во финишот влезе во бонус со прекршоците (5), но успеа да се извлече од опасноста без казнен удар.

Во второт полувреме иста слика. Многу борба и малку простор за реализација. Во таква консталација видовме по една голема шанса на двете страни, по што Златара Бени Ерол го отвори резултатот, што беше клучен момент, бидејќи набрзо водството беше удвоено, а потоа уследи гол на голманот од гол на гол за 3:0 што практично го отпиша противникот.

Пред почетокот на финалето, со минута молк и беше оддадена почит на Љубица Ангелоска Кркачоска – директорка на ООУ „Живко Чинго“ во Велгошти која почина неодамна во 50-та година од животот.

Претходно, во малото финале, екипата на АСП ПАК ја совлада Сатеска по изведувањето пенали со 3:1, откако во регуларниот дел немаше голови.

Наградата за најдобар играч ја освои Насер Доко од екипата на Златара Бени Ерол, а ја додели Христијан Латкоски – член на организационен одбор.

За најдобар голман беше прогласен Илче Велјаноски од екипата на Бразилиан, а наградата му ја врачи Димитар Балески – член на организационен одбор.

Наградата за четврто место на екипата на Сатеска ја додели Илија Лиотоски – член на организационен одбор, додека пехарот за трето место на екипата на Асп Пак, го додели Коста Трифуноски – претседател на здружението Велгошка Гордост.

Наградата за второ место за екипата на Бразилиан, ја додели Лазе Шапкароски – претставник од Општина Охрид.

Пехарот и наградата за освоеното прво место на екипата на Златара Бени Ерол, ги додели Марио Пердулоски – претставник на Хотел Сити Палас, еден од генералните спонзори на турнирот.

Победничката екипа инкасираше 120.000 денари, второпласираната 60.000 денари, наградата за третото место изнесуваше 30.000 денари, а за четврто 10.000 денари.

Финалето беше збогатено со музички перформанс на диџеј Багзи кој одлично ја загреа атмосферата во Велгошти.

Фото галерија:

Златара Бени Ерол го освои турнирот во Велгошти

Г.М.
Фото: OhridNews