Нема ништо повесело од плоштад исполнет со среќни и насмеани деца. Така е на централниот плоштад во Охрид веќе 11 години, колку што се одржува традиционалната хуманитарна и спортско-рекреативна акција „ЗА ПОСРЕЌНО ДЕТСТВО“. Општинската организација на Црвен крст и Стоматолошкиот центар Д-р Баткоски во соработка со Аптеки „Виа Фарм“, денеска повторно на најмладите им приредија ден за паметење исполнет со многу забава, спортски, културни и едукативни содржини на највеселиот плоштад во Охрид.
Многу сме среќни што во толку голем број нашите сограѓани дојдоа со нивните дечиња да се забавуваат на традиционалната хуманитарна и спортско-рекреативна акција „ЗА ПОСРЕЌНО ДЕТСТВО“. Има повеќе дисциплини каде што можат да се натпреваруваат децата и да освојат награди. Со поддршка на нашиот традиционален партнер, Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“ приредивме една убава забава за сите деца овде, со куклена претстава, со пантомимичари, штулари и многу вредни награди обезбедени од нивните помагатели и спонзори. – изјави Мимоза Ставрова, секретар на Црвен крст Охрид.

Стоматолошниот центар „Д-р Баткоски“, несебично ја поддржува манифестацијата „За посреќно детство“, која веќе е препознатлив белег на градот.
Тоа што оваа традиција трае единаесет години покажува дека настанот е веќе етаблиран, а интересот за неа и начинот на кој најмладите ја доживуваат е најдобра потврда дека таа ќе трае уште долго. – вели д-р Небојша Баткоски од Стоматолошниот центар „Д-р Баткоски“.

Преку оваа манифестација всушност ја подигаме свеста кај најмладите и ги поттикнуваме родителите да обраќаат внимание на своите деца за значењето на оралното здравје, што секако тие и го прават тоа. Делиме четки за заби, им објаснуваме на дечињата како правилно да ги четкаат забите, едуцираме и советуваме, се со цел нашите најмлади да имаат здрави и убави запчиња. – додава Д-р Небојша Баткоски.
Во рамки на настанот се одражаа трки и други спортски натпревари, а манифестацијата беше збогатена и со бројни културни, забавни и едукативни содржини. Помагателите на манифестацијата: Аптеки Виа Фарм заедно со Алкалоид АД Скопје и Амикус фарма Македонија, ресторан Виа Игнација Вевчани и “Curaprox” подготвија бројни изненадувања за децата. Настанот е поддржан и од Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите-сите за спорт“ и Сојузот на училишен спорт.
OhridNews
Фото: А. Момироска

































