Голем број јавни личности можеа да се видат синоќа во публиката на исполнетиот Антички театар во Охрид, на отворањето на 62. издание на фестивалот „Охридско лето“. Меѓу нив претседателот Стево Пендаровски со сопругата, амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир, градоначалникот на Охрид Пецаков со сопругата, познати лица од бизнисот, политиката, културата, вљубеници во музиката, гости…

Најзначајната културна манифестација во земјава уште еднаш блесна со сиот свој сјај, а древната арена зрачеше со енергија каква што може да се почувствува само во овој уникатен амбиент.

Прекрасната фестивалска вечер ја разубавија италијански тенори Алесандро Косентино Де Акриса, Федерико Сера, Џовани Мариа Палмиа и Уго Тарквини под диригентската палка на маестро Лоренцо Бицари од Италија, придружувани од оркестарот на Националната опера и балет, кои на присутната публика и приредија вечер за паметење.

Атмосферата од отворањето на фестивалот „Охридско лето“ ја долови фоторепортерот на OhridNews Анамарија Момироска.

Величенствено отворање на „Охридско лето“

 

OhridNews
Фото: А. Момироска

Со настапот на четворицата италијански тенори отворено 62-то „Охридско лето“