Со настапот на четворицата италијански тенори Алесандро Косентино Де Акриса, Федерико Сера, Џовани Мариа Палмиа и Уго Тарквини под диригентската палка на маестро Лоренцо Бицари од Италија, придружувани од оркестарот на Националната опера и балет вечерва на сцената на Античкиот театар отворено 62. издание на фестивалот „Охридско лето“.
По традиција, свеченото отворање беше проследено со интонирање на фестивалската химна и палење на фестивалскиот оган.
„Охридско лето“ за отворено го прогласи претседателот на државата, Стево Пендаровски, кој е и покровител на фестивалот.
Благодарение на најреномираната културна манифестација кај нас – фестивалот „Охридско лето“, повеќе од шест децении сме сведоци на извонредни изведби на меѓународно признати и познати уметници. Од особено значење е што на програмата на „Охридско лето“ се присутни и врвните македонски музички и театарски уметници, чиишто креации ѝ се добро познати и на домашната и на светската публика. Конечно, по две години, во коишто пандемијата оневозможи вистинска фестивалска атмосфера и влијаеше врз фестивалската програма, „Охридско лето“ со квалитетна понуда на музички и на сценски настани се враќа на достоинствен начин, којшто и единствено му прилега. Им благодариме на уметниците што му даваат смисла на нашето постоење. Да уживаме во уметноста, во благородното и во убавото, рече Пендаровски.
Министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска во своето обраќање посочи дека „Охридско лето“ е потврда за нашиот идентитет и потврда дека сме дел од европската култура.
Другото е лага. Нашиот поглед кон минатото не е за да ѝ го завртиме грбот на иднината. Не. Во нашето минато нема ништо од што би се срамеле за да мораме да го вртиме погледот од него. И нашиот јазик, и нашата музика, и нашите слики, и нашите книги, и нашите ора, и нашите куќи, и нашата кујна – сè е идентитет. И тоа што сме Македонци е идентитет, идентитет што го наследуваме, а од нас зависи дали ќе го надоградиме, ќе го носиме во срцето или само ќе го вртиме по потреба низ уста. Идентитет е и домашното воспитание. Идентитет е и љубовта кон сопствената култура и уметност…, рече меѓу министерката Костадиновска – Стојчевска.
Честа да ја пренесе уметничката порака годинава ја имаше композиторот и музички уметник Горан Начевски кој истакна дека фестивалот „Охридско лето“ несомнено е дел од душата на секој македонски уметник.
Искрено за мене како композитор и оперски пејач би било полесно да ја испратам уметничката порака во форма на соната, симфонија, опера или преку настап на концерт. Но, вечерва таа нека ги содржи зборовите кои се синоним за уметниците, љубов, радост, спокој, разбирање, копнеж, пожртвуваност, решителност, упорност, поддршка, инспирација среќа, пријателства, насмевки, и конечно мир во светот без кој човештвото нема иднина, како и достоинствен живот на сите овде. Да живее уметноста и уште многу години фестивалот „Охридско лето“, додаде Начевски.
Публиката на преполната отворена сцена во срцето на стариот град, уживаше во извонредниот перформанс на уметниците.
На годинешното 62-ро издание љубителите на уметноста ќе имаат прилика да уживаат во 36 концерти, девет театарски претстави и 6 настани во дополнителната програма. Од денеска до 20 август, на отворените сцени Антички театар, Долни Сарај, Предворје на црквата Света Софија, како и во самата Црква Света Софија и во Центарот за култура, ќе настапат над 1000 уметници од 25 земји ширум светот.
OhridNews
Фото: А. Момироска

















