Со изменат ростер, но со голема желба и иста цел Ракометниот клуб Охрид ги започна подготовките за новата сезоната во Супер лигата. Охридските „гладијатори“ шеста сезона по ред ќе бидат дел од елитата, а ќе се борат за петтото учество во плејофот.

Составот на Охрид се засили со голманскиот тандем Мартин Стојановски и Црногорецот Јагош Брауновиќ кој поради репрезентативните обврски со младата селекција ќе го пропушти стартот на подготовките, искусните бекови Борче Соколов и Златко Везенковски и перспективниот десен бек Лазар Петровиќ и пивотменот Дарио Симоноски. Од екипата заминаа Благојче Трајкоски, Кирил Колев, Марко Кобетиќ, Бојан Спасовски и Јовица Младеновски.

  • После завршување на претходната и почетокот на новата сезона се потрудивме клубот да го застанеме на прави нозе. Нам, главна цел ќе ни биде ракометарите да мислат само на натпреварите и напорно да тренираат и да не се мислат за ништо друго. Им посакувам многу среќа на ракометарите и се надевам на плодна сезона како и минатата. – изјави првиот човек на Извршниот одбор, Игор Бежоски.

Сезонава конкуренцијата во Супер лигата ќе биде како никогаш до сега и речиси сите екипи почнуваат со сериозни амбиции. – Најпрво ќе треба да добро да ги одработиме подготовките и да поставиме добра база за мечевите од есенската полусезона. Конкуренцијата е голема, но тогаш и мотивите се поголеми. Ние почнуваме со плејоф амбиции и така ќе биде во текот на целата сезона. – истакна капитенот Крсте Андоновски.

Поради реновирање на паркетот во СРЦ „Билјанини Извори“ ракометари дел од тренинзите ќе ги одработат во спортската сала во Велгошти, а дел на атлетската патека на стадионот „Билјанини Извори“. Во текот на подготовките охриѓани ќе одиграат контролни мечеви со останатите суперлигаши, а можен е тест со екипата од Грција.

Мх.П.