Култното шоу „ИМПРОВОКАЦИЈА“ вчеравечер во присутво на бројна публика со исполнетост до последно место на малата сала на Центарот за култура „Григор Прличев” го прослави десеттиот роденден.

Актерите Стрезо Стаматовски, Филип Кипровски и Никола Тодороски, како главни протагонисти на шоуто, заедно со Никола Јосифоски како музички соработник и Филип Ангеличин – Жура како организатор, приредија уште едно пеколно шоу во кое публиката непрестајно уживаше и се смееше.

„Шоуто“ прослави 10 години постоење — деценија исполнета со спонтана креативност, директна комуникација со публиката и театар што се раѓа тука и веднаш исчезнува – но се памети долго.

Она што го прави истото посебно е фактот што публиката не е набљудувач, туку активен соиграч. Предлозите, зборовите, ситуациите и ликовите често доаѓаат директно од гледалиштето.

Секоја вечер е нов предизвик, нова приказна и нова можност за неочекуван пресврт. Импровизацијата тука не е само техника – таа е договор за доверба меѓу сцената и салата, меѓу условното и реалното.

Во изминатите години, „ИМПРОВОКАЦИЈА“ не настапуваше само на матичната сцена во Охрид, туку и во повеќе градови низ Македонија, градејќи верна публика која доаѓа повторно – токму затоа што знае дека нема „реприза“. Секоја изведба е премиера.

Десетгодишнината не е само бројка – таа е доказ за континуитет во еден од најнепредвидливите театарски формати.

Фото галерија:

 

OhridNews

фото, А. Момироска