Празникот Свети Великомаченик Димитрија, во народот познат како Митровден, по традиција беше одбележан и во Охрид. Свечено беше во црквата посветена на овој светец во Варош, каде и покрај дождливото време дојдоа голем број верници.

Верниците палеа свеќи за здравје и полнеа осветена вода, а по богослужбата беше послужена традиционална празнична трпеза.

Светиот великомаченик Димитрија живеел во третиот век по Христа. Се родил во Солун и бил син на градоначалникот на овој град. По смртта на татко му, Димитрија од страна на царот Максимилијан бил именуван за градоначалник на Солун при што бил советуван да биде немилосрден кон христијаните. Но спротивно на тоа Димитрија најпрвин тајно, а потоа јавно ги поддржувал христијаните, а и самиот тој бил следбеник на Христа, заради што и настрадал по наредба на царот. 

Со Митровден се смета дека завршува летниот период од годината, а започнува зимата.

OhridNews
фото: Емил Јовановиќ