По дванаесетти пат, вечерва, на Плаошник на најдобрите дипломирани студенти од техничките факултети во Македонија, им беше доделено признанието „Инженерски прстен 2015“.
Годинава ова признание го добија 19 дипломирани студенти, а традиционално инженерскиот прстен, кој инаку е уникатен во целиот свет, им го врачи претседателот на државата Ѓорге Иванов.
–Инвестирањето во инженерското образование почна да дава резултати. Ново формираните технички факултети од инженерските струки веќе ги промовираа првите генерации апсолвенти, затоа годинава имаме рекорден број добитници на „Инженерски прстен“, од кои очекуваме да се втурнат во динамичните води на технилошкиот напредок кој со секоја нова генерација не запира, туку се забрзува и добива на интензитет и на квалитет.-рече во обраќањето пред дипломираните студенти претседателот Иванов.
Од име на добитниците на вредното признание се обрати Анита Поповска.
-Живееме во ера на интензивни технички и технолошки достигнувања, па оттука потребата за стручен кадар на инженери е огромна. Патот до успехот е исполнет со предизвици, па токму затоа повремено ни се потребни мали потсетувања дека ние не сме сами во борбата за развој и афирмација на Република Македонија во светски рамки. Оваа награда е добар потсетник, а воедно и најголемо достигнување во образованието на еден млад инженер.-рече Поповска.
Манифестација „Инженерски прстен“ која е во организација на Инженерската институција на Македонија, а под покровителство на претседателот Ѓорге Иванов, претставува поттик за изучување на инженерството и придонес за формирање на квалитетен инженерски подмладок, компатибилен со развиените земји.
Г.М.
Фото галерија
На Плаошник доделено признанието „Инженерски прстен 2015“