Откорнати дрвја, оштетени автомобили и покриви… Ваква е сликата утрово во Св. Наум, по синоќешното големо невреме што го зафати Преспанско-охридскиот регион.

Некаде после 18 часот југоисточниот дел од охридското крајбрежје беше зафатен од силното невреме што беснееше во Преспа. Невремето пропратено со засилен ветер и дожд ги погоди Трпејца, Љубаништа и Св. Наум, како и Поградец во Албанија. Повредени нема, а причинета е материјална штета. Во Трпејца оштетени се еден угостителски објект, неколку кајчиња и двориште, во авто кампот Љубаништа повеќе шатори и приколки, а во Св. Наум падна дел од кровната конструкција на санитарниот јазол. Исто така паднати се неколку постари дрвја. – изјави Митко Темелкоски од Центарот за управување со кризи – ЦУК.

Граѓаните штетите од невремето можат да ги пријават во Општинската комисија за проценка на штети, а доколку имаат потреба од асистенција за оштетни дрва треба да пријават во соодветната општинска комисија, појаснуваат од ЦУК.

Во струшко пак, поради удар на гром во трансформаторот кој ја напојува пумпната станица во Шум, отежнато е водоснабдувањето.

Епицентарот на невремето беше во ресенско, каде е предизвикана голема материјална штета.

OhridNews