Со велосипедско дефиле по градските сообраќајници денес Општина Охрид се приклучи кон одбележување на „Ден без автомобили“ по повод  Европската недела на мобилност што се одбележува од 21 до 27 септември.

Велосипедското дефиле започне од кеј „Македонија“ пред хотел Палас и продолжи по ул. „АСНОМ“ се до пресекот со ул. „Партизанска“, оттука до пресекот со ул.„Кузман Јосифовски“ и заврши на почетната точка, кеј „Македонија“.

Во оваа Европска недела на мобилност, испраќаме важна порака дека со помалку автомобили можеме да создадеме почист, поздрав и поубав Охрид, рече во обраќањето пред присутните советничката во Советот на Општина Охрид, Катерина Стојаноска.

Овој ден е можност да покажеме дека пешачењето, велосипедот и јавниот превоз можат да бидат дел од нашето секојдневие. Со секој чекор и возење велосипед придонесуваме за почист воздух и помалку сообраќаен метеж и поквалитетна животна средина. Општина Охрид и понатаму ќе продолжи да ги поддржува иницијативите кои придонесуваат за почиста, поздрава животна средина. Да го направиме Охрид почист град денес, но и за генерациите што доаѓаат, додаде Стојаноска, по што го означи старот на дефилето.

Општина Охрид е дел од мрежата на европски градови кои ја одбележуваат Европската недела на мобилност, односно со околу 4.300 градови, истакна Јасминка Момироска од Секторот за заштита на животната средина и управување со отпад при Општина Охрид.

Целта е граѓаните, учениците и сите жители на Охрид денеска да ги остават возилата дома и да се движат алтернативно, значи со пешачење, тротинети, велосипеди, што всушност придонесува за здрави животни навики, а исто така и ја зачувува животната средина. Овој настан ќе биде традиционален, беше организиран и претходно пред Ковидот, но имаше мал прекин и сега продолжуваме, потенцираше Момироска.

Воедно, посочи дека денешната активност е дел од корпусот активности што Општина Охрид ги презема за заштита на животната средина и за подигање на јавната свест, меѓу нив проектот за намалување на загадувањето со субвенционирање за набвака на инвертер клими, одбележување на значајни денови на екологијата, ликовен и литературен конкурс во соработка со сите училишта…

Во рамки на денешниот настан на учесниците во велосипедското дефиле им беа доделени и бројни награди.

Фото галерија:

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска