Најбогатиот човек на светот, Карлос Слим е воодушевен од убавините  на Македонија и гостопримството кое му беше укажано во Охрид каде се одржа 5-от состанок на Комисијата за широкопојасен интернет, чиј актуелен копретседавач е тој. Впечатокот веројатно го засили по посетата на дел од богатото културно историско наследство на Охрид.


Телекомуникацискиот магнат, заедно со дел од учесниците на собирот во Охрид го посетија Св. Климентовиот храм Св. Пантелејмон на Плаошник и ги разгледаа ранохристијанските базилики и бројните археолошки наоѓалишта.


– Немав многу време за повеќе да разгледам, малку знаев за Македонците, знаев нешто за Александар Велики, нешто за историјата на земјата, но простете ми на моите скромни познавања. Дури пред два дена дознав дека Мајка Тереза е родена тука, рече Слим на завршната прес конфернција, додавајќи дека штом ќе има можност повторно ќе дојде во Македонија.


Карлос Слим деновиве имаше средба со македонскиот владин тим, кон кој упати комплименти за посветеноста во работата. Не откри детали дали му привлекле внимание понудените проекти, меѓу кои била истакната и можноста за инвестирање во туристичките развојни зони во Охрид.


Според магазинот Форбс, 72-годишниот Карлос Слим трета година по ред е најбогат човек на светот, пред Бил Гејтс и Ворен Бафет. Неговото богатство се проценува на 69 милијарди долари, а го стекнал во секторот на телекомуникациите, трговијата, финасиите, суровините и енергетиката.

OhridNews
фото: Емилио