Стариот дел на Охрид синоќа пулсираше во ритамот на културата и уметноста. Голем број посетители беа дел од првото издание на „Охрид – Град музеј | Ноќ на музеи“, кое улицата „Цар Самоил“ и повеќе локации во старото градско јадро ги претвори во една голема отворена сцена.

На културната маршрута, распоредена на 12 локации долж улицата „Цар Самоил“, посетителите можеа да го доживеат Охрид низ неговата историја, уметност и традиција. Ги проследија демонстрациите на филигран, изработка на стара хартија, охридска резба и охридски бисер, разгледуваа музејски поставки, фотографии, писма и повеќе ликовни изложби. Отворени беа и Куќата на Робевци, Музејско-културниот центар „Лапидариум“, Куќата на Уранија – МАНУ и Спомен-куќата на Христо Узунов, а програмата беше збогатена со дегустации на вино и презентации на локалната традиција.

Посебно место во програмата имаа изложбата „Охрид – свето таинство“ на Зоран Вељаноски – Летра во Куќата на Робевци и „Уште една средба со светлината“ на Јордан Манасијески во Куќата на Уранија. Вечерта кулминираше во дворот на „Св. Софија“ со заедничка ликовна изложба, коктел и оперско-инструментален перформанс.

„Една улица. Една ноќ. Безброј приказни“. Kонцептот најавен од организаторите синоќа доби своја прва реализација, со многу посетители и раздвижена атмосфера долж „Цар Самоил“.

Во рамки на настанот, од името на градот Охрид се обрати претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски, додека од името на организаторот, Културолошката иницијатива „5 до 12“, говореше Јован Цветкоски.

Завршницата на првата „Ноќ на музеи“ се одржа во дворот на црквата „Св. Софија“, каде беше поставена изложба на 18 уметници, проследена со оперско-инструментален перформанс.

Организаторите изразија задоволство од посетеноста и впечатоците на публиката, со благодарност до сите кои беа дел од вечерта и придонесоа Охрид, барем за една ноќ, навистина да стане Град музеј.

Настанот беше бесплатен, а идејата, како што беше истакнато во најавата, е Охрид да добие културен концепт по примерот на „Ноќи на музеите“ кои повеќе од две децении се организираат во европските градови.

Г.М.