Со прогласување на најуспешните приказни за 2016-та година, најпрепознатливиот онлајн медиум во поширокиот регион, OhridNews, синоќа во ресторанот “Park Lake Side” во истоимениот хотел, официјално го одбележа својот 10-ти роденден.
Фото: Емилио
Внесувајќи нов тренд на информирање и цврсто држејќи се до професионалните стандарди, во изминатата деценија OhridNews успеа да изгради доверба кај читателите како релевантен извор на информации, кој со сериозниот пристап секојдневно ја ужива довербата на илјадници читатели.
Пред бројните претставници на институции, културни работници, уметници, спортисти, новинари, политичари, граѓански активисти и други чинители во општественото случување на градот, се обрати еден од основачите и главен и одговорен уредник на OhridNews, Горан Момироски, кој меѓу другото истакна дека овој медиум во изминатата деценија претставува еден од ретките неконтаминирани „острови“ на слободна мисла.
„Низ годините OhridNews растеше кадровски и технички се подобруваше, воведувајќи нови содржини и поставувајќи стандарди кои се репер за квалитетно информирање. Меѓу првите започна со емитување на видео-прилози и реализација на преноси од настани во живо на интернет, тренд кој продолжува и денес. Во изминативе 10 години OhridNews покажа исклучителна општествена одговорност подржувајќи бројни проекти корисни за заедницата“, рече Момироски.
Во свеото десетгодишно постоење, OhridNews успеа да создаде повеќе од 100 000 информации, илјадници видео емисии, инетрвјуа , односно преноси со милионски прегледи, кои несомнено се дел од секојдневието на охриѓани. Дека граѓаните се будат со OhridNews говорат аналитичките податоци на Google, според кои порталот секојдневно бележи околу 15 000 уникатни посети.
„OhridNews никогаш во своето постоење не ја злоупотребил својата медиумска моќ за пресметки со конкуренцијата, тенденциозна дискредитација на личности, компании, институции, односно никогаш не се ставил сервилно во функција на разно разни интересни групи. И натаму ќе продолжиме да информираме објективно, навремено и проверено за сите случувања од интерес за јавноста, доследно почитувајќи ги новинарските принципи“, додаде Момироски.
OhridNews синоќа ја промовираше Гoдишната ревија на настани во која се поместени случувањата кои ја одбележаа 2016-та и ги прогласи најуспешните приказни. Годината што изминува ја одбележаа бројни случувања, и успеси на охриѓани, кои со својата макотрпна работа и посветеност несомнено оставија трага не само во општественото случување на градот, туку и пошироко во светот. На најистакнатите охриѓани за 2016-та година им врачи награди и признанија.
Охриѓани несомнено можат да бидат горди на Петар Поповски, кој со повеќе од 270 публикувани научни трудови, десетици патенти од областа на електротехниката и бројните награди за научни трудови, претставува не само вистинска гордост за Охрид, туку и репер за генерациите кои доаѓаат и следат. Меѓудругото, тој е вброен во петте елитни истражувачи во Данска, награда која му е врачена од страна на данската принцеза Мари. OhridNews на Петар Поповски му врачи Признание за врвни научни достигнувања во светот.
„Почестен сум од наградата затоа што после 25 години од преселување од Охрид, ова е прво признание кое го добивам. Покрај сите светски признанија, ова ми е особено драго затоа што е токму од мојот роден град“, рече Поповски.
Награда за музичка приказна на годината за 2016 доби уметничкиот амбасадор на градот, Владимир Четкар, за чија музика се пишувани стотици статии во престижни списанија и медиуми ширум светот. Изминатата година, неговиот албум во Англија беше прогласен за еден од најдобрите за 2015 од страна на “Soul Brothers Records“. Оваа 2016, неговата музика во Кореја беше застапувана од страна на третиот најголем музички дистрибутер во светот, “Ворнер Мјузик Груп“.
Наградата за подвиг на годината ја доби Софија Бејковска Чачоровска, која на 4-ти септември рекреативно го преплива Охридското Езеро. 29 годишната професорка по латински јазик од Битола, во целосен мрак по цели десет часа активно пливање, пристигна на градското пристаниште во Охрид, пренесувајќи ја пораката за зачувување на едно од најстарите езера во Европа.
„Сакам да ви се заблагодарам за честа што ми ја укажавте. Многу ми е мило што сум овде и сакам да упатам еден апел до охриѓани да си го чуваат Охридско Езеро затоа што вие живеете со него секој ден. Пазете го и чувајте го, за никој да не му наштети“, рече Бејковска Чачоровска.
Наградата за најуспешна спортска приказна за 2016 заврши во рацете на Кошаркарскиот клуб АВ Охрид, кој за само една година, успеа да се пресели во најелитното домашно натпреварување со скор од 17 победи и 1 пораз. Охридскиот клуб со својата професионалност, на еден начин успеа да ги помести границите во македонската кошарка, односно спорт воопшто. Како дебитанти во елитата, популарните „Галеби“ се покажаа како тврд орев за далеку поискусните екипи во Првата лига.
-Благодарам на наградата. Воедно ви го честитам јубилејот и ви посакувам уште поголеми успеси и да продолжи нашата успешна соработка. – истакна Викторија Донеска од КК АВ Охрид.
Меѓу добитниците на награди е и познатиот колумнист Наумче Новески – Џими, кој повеќе од деценија со својот необичен стил ги критикува состојбите во општеството. Несомнено дека неговите испишани „статии“, кои традиционално се објавуваат на OhridNews, не можат да остават рамнодушен никого. Неговата слободна мисла претставува храброст во мекедонскиот новинарски простор.
Најчитаниот интернет медиум во регионот и поширко, OhridNews, додели и признанија за успешните професионалци кои несебично го промовираа градот надвор од своите граници. Меѓу нив е Општинската Организација на Црвениот Крст од Охрид, која се здоби со признание за успешна хуманитарна мисија, Лајнс Клубот Лихнидос кој доби признание за општествена одговорност и придонес во заедницата. Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“,кој воедно е и добитиник на “Best Hospital Award 2016“ во Кан, Франција, го доби признанието за интернационална промоција на Охрид.
Свечениот коктел во преубавиот амбиент на ресторанот “Park Lake Side” беше збогатен со настап на извонредниот стендап комишар Никола Тодороски, музичкиот уметник Ружди Абаз и култниот охридски бенд „Камелеон“, по што следеше извлекување на учесниците во наградната игра на OhridNews.
Добитници на два подарок сета од OhridNews се Александра Трпеска Чолеска и Валентина Мировчевиќ, додека наградата вечера за двајца во ресторанот „Св. Софија“ ја освои Пеце Настевски. Ваучер во вредност од 100 ЕУР во Стоматолошкиот Центар Др. Баткоски добива Наталија Дивац, а зимување за двајца во Банско што го доделува ТА „Вис Пој“ оди во рацете на Јасмина Чичкариќ.
Роденденскиот коктел на OhridNews и промоцијата на годишната ревија на настани беа пренесувани во живо на YouTube каналот на OhridNews во соработка со Мега Продукција. За беспрекорниот звук на манифестацијата се погрижи Labino Sound, а настанот го фотодокументираше „Love and Life“ студио на познатиот охридски фотограф Емил Јовановиќ. За беспрекорната организација се погрижи ресторанот „Park Lake Side“.
О.Трајчески
Фото: ЕМИЛИО
ФОТО ГАЛЕРИЈА: