Нуркачите од нуркачкиот центар „Амфора“ и клубот за подводни активности „Охрид“, од Охрид, во соработка со Завод и Музеј Охрид, од водите на Охридското Езеро во близина на градското пристаниште, деновиве, извадија пушка која потекнува од крајот на 18 и почетокот на 19 век и еден шлем од Втората светска војна.
-Станува збор за орудие од османлискиот период, какви што извадивме во неколкуте акции реализирани со надлежните институции во минатиот период, кое е предадено на Завод и Музеј за конзервација, истакна Милутин Секулоски, меѓународен нуркачки инструктор.
Тој истакна дека Охридското Езеро крие уште вакви експонати, поради што се планира нова кампања која е предвидено да се реализира следната година. Дополнителен мотив да се реализира нова акција се и сознанијата за незаконски дејствија.
-Секогаш нуркачите од нуркачкиот центар „Амфора“ и клубот за подводни активности „Охрид“, работат во координација со Завод и Музеј, но за жал имаме сознанија дека разни експонати од Охридското Езеро се вадат неовластено од поединци и се продаваат, што е за осуда, затоа што тоа е културно наследство кое им припаѓа на сите граѓани и истото треба да и се предаде на државата, додава Секулоски.
Орудието предадено на одговорните во Завод и Музеј