Спасувачките тимови на Општинската организација на Црвениот крст од Охрид, екипите за прва помош, професионалната противпожарна единица, СВР Охрид, Територијалната противпожарна единица од Охрид, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и припадници на други надлежни институции за делување при несреќи, на голема заедничка вежба што се одржа денеска на Охридското Езеро, демонстрираа восока подготвеност.

Јавната показна вежба се состоеше во симулација на гасење пожар на вода, спасување патници од опожарен пловен објект и укажување прва помош и реанимација.

– Треба да радува тоа што институциите задолжени за безбедност со постојните човечки и материјални ресурси имаат капацитет да се справат со несреќи од помал обем. Сепак за делување во случаи на поголеми несреќи потребна е поголема комуникција мешу институциите како и подобрување на нивната опременост, изјави Сашо Точков од Црвен крст – Охрид.


Вежбата ја следеа претставници на Министерствата за одбрана од земјата во регионот како и на Командата на НАТО во Брисел, кои позитивно ја оценија подготвеноста на локалните тимови за безбедност.


По завршувањето на  вежбата, официјално беше предаден во употреба Центарот за безбедност на вода на Црвен крст Охрид, кој е лоциран на приватен имот во месноста Горица.


-Центарот за безбедност на вода ќе ги координира сите активности на спасувачките екипи, кои ќе делуваат на плажите на охридската ривиера, рече Точков.


Спасителниот центар ќе го опслужуваат 18 волонтери на Црвениот крст Охрид.

OhridNews