Ученици и студенти, родители и наставници, вработени во јавните претпријатија и Општина Охрид ја покажаа хуманоста на дело. Преку 500 учесници беа дел од денешната хуманитарна трка „Од срце трчај со срце дарувај за Кочани“ во организација на СОСУ „Св. Кирил и Методиј”-Охрид во соработка со ЈП “Билјанини извори”-Охрид.

Претходната година направивме еден мал спортски настан во нашето училиште заедно со ЈП „Билјанини Извори“ каде учествуваа само ученици од нашето училиште, а оваа година организираме поголем настан со ученици од сите училишта. Направивме една хуманитарна трка и сите средства кои ќе бидат собрани ќе се донираат за семејствата на повредените во несреќата во Кочани. Имаме две категории во трката. Учествуваат ученици и студенти и родители и наставници. Има повеќе од 500 пријавени. Целта е да бидеме хумани, па во таа насока на целата патека се поставени кутии за собирање на средства кои ќе се донираат. Средствата ќе бидат уплатени на здружението во Кочани кое е за поддршка на повредените, вели Јанкоски.
Воедно, Јанкоски, изрази и благодарност до сите вклучени во организацијата и реализацијата на хуманитарната трка, потенцирајќи ги при тоа заложбите на голем број деца и волонтери.

Заинтересираноста за учество на трката беше на виско ниво, се потрудивме настанот да биде организиран по сите прописи и стандарди. Се надевам дека ќе имаме повеќе вакви настани и ќе ја покажеме нашата хуманост повторно, истакна Митреска.
Пред почетокот на трката претходеше загревање на учесници, а истите имаа можност да ја проследат и показната вежба на тимот за прва помош. На вежбата беше потенцирана важноста на поединецот за пружање на прва помош во првиот момент по несреќата во насока на спасување на животи.

Фото галерија:
Хуманитарна трка „Од срце трчај со срце дарувај за Кочани“
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска
































































