Деновиве актуелно е поставувањето на урбана опрема низ Охрид, околу што се крена голема прашина. На социјалните мрежи се уште не стивнуваат реакциите од односот на дел од потенцијалните закупци кои неколку дена пред официјалното јавно наддавање за закуп на локации, што се одржа вчера, поставија урбана опрема, а некои дури направија и свечено отварање за што се пофалија на Фејсбук.

Ова ги револтираше дел од учесниците во постапката што ја спроведува локалната самоуправа, нарекуваќи ја „Урбан панаѓур“. Охридњуз се обрати до лолалната самоуправа, од каде ни потврдија дека дека сите „тезги“ поставени пред 6 јули се поставени на диво.

Охриѓани реагираат на уште еден парадокс поврзан со поставувањето на урбана опрема, што е рак рана на градот во летната туристичка сезона. Имено на градскиот кеј поставена е мобилна продавница ни повеќе ни помалку пред деловен објект (старо Охридско Лето).

Нашата редакција побара одговор и за ова од локалната самоуправа, од каде најавија дека ќе ни биде доставен штом го подготват стручните служби. Тие треба да одговорат како се одредувани локациите за поставување урбана опрема, дали се испочитувани критериумите во однос на габаритот на поставената урбана опрема, дејноста и влијанието врз локалните економски субјекти кои работат 365 дена во годината со сериозни трошоци и инвестиции.

OhridNews