Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини и охридската навивачка „Рибари“ го збогатија фудбалското дерби помеѓу Охрид и Караорман во рамките од 9-та рунда во Третата македонска фудбалска лига.

Сејдини во друштво со првиот човек на Општинскиот фудбалски сојуз, Диме Попоски и членот на Управниот одбор во ФФМ, Тони Иваноски го проследи возбудливото прво полувреме од дербито. После 45 минути игра охридските сино бели имаат водство 2-0 и грабат кон деветтата победа во третолигашкиот шампионат. Резултатот го отвори Никола Секулоски кој маестрално погоди од слободен удар, а водството го дуплираше Марко Арсенов.

„Езерското“ дерби во фудбал е првиот спортски настан од богатиот викенд во Охрид кој ќе помина во знакот на хуманоста. На влезот од Градскиот стадион „Билјанини Извори“ беа поставени кутии од Црвен крст во кои гледачите донираа средства за лекувањето на Сара Настеска во Германија.

Спортските возбудувања продолжуваат во 19 часот и 30 минут со ракометното дерби помеѓу Охрид и Струга.

Мх.П.