Охрид и Градскиот стадион „Билјанини Извори“ и оваа година е база за подготовките на Фудбалскиот клуб Ренова за престојната сезона во македонската фудбалска елита. „Гипсарите“ во Охрид тренираат два пати дневно со полн интензитет. Претпладне пулените на Јетон Беќири работат на физички план, додека попладне тренираат со топка и ги коваат тактичките замисли.

  • Во Охрид имаме перфектна клима за подготовки и одлични услови почнувајќи од теренот и фитнтес центарот. Долги години клубот практикува да доаѓа во Охрид и така ќе остане, затоа што овој град не би го менувале за ништо. – изјави Беќири и додаде околу текот на тренинзите – Задоволен сум од работата и пред се` од желбата за тренинг на фудбалерите. Работиме напорно, тренираме со полн интензитет за што подобро да се подготвиме за предизвиците во елитната фудбалска лига. На почетокот од подготовките повеќе акцент стававме на кондицијата, но како што одминуваат почнуваме да ја бараме екипата која ќе го изнесе товарот. Имавме мал проблем со вклопувањето на новите играчи во системот, но и тие заслужуваат пофалба, бидејќи со голем жар пристапија на подготовките. 

Тетовчани во Охрид ќе се задржат до в недела. Еден подготвителен натпревар со комбиниран состав одиграат со второлигашот Лабуништа и го изгубија минимално 1-0. В среда тетовчани патуваат во Корча, каде ќе одиграат контролен меч со Скендербеу, а подготовките во Охрид ќе ги финализираат со дуел против Струга Трим Лум.

Мх.П.