Споредните скали кои се користат за влез во административните простории на Охридската локална самоуправа веќе подолго време се оштетени и го нагрдуваат просторот пред општинската зграда.
Бидејќи влезот во општината од овој приод е затворен во работните денови, локалната администрација речиси воопшто не ги користи овие скали, но истите секогаш се користат кога се организираат граѓански венчавки, па охриѓани се жалат дека оштетените скали им ги расипуваат семејните фотографии.
-Пред извесно време правевме свадба за нашата ќерка, по венчавката направивме неколку семејни фотографии на скалите, но поради лошиот изглед на скалите и нашите фотографии не излегоа добро. Сметам дека истите треба под итно да се рекоструираат со нови плочки, но и да се обнови нивната ограда, бидејќи и таа е неугледна, вели еден жител на Охрид.
Освен за венчавки овие скали секогаш се во функција и кога се организираат јавни трибини или други настани во големата сала на општината.
OhridNews