На охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ , со својот приватен авион „Ембраер 195, пред малку слета индискиот милијардер Субрата Рој, кој ја предводи делегацијата на неговата компанија „Сахара Индија Паривар“,  заинтересирана за изградба на суперлуксузниот туристички комплекс во Љубаништа.


На аеродромот, Субрата Рој беше пречекан од неговиот домаќин,  вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески и други претставници на владата.

Делегацијата на „Сахара Индија Паривар“ во Охрид ќе престојува два дена. За денес се предвидени разговори со министерот за финансии Ставрески, министерот за транспорт и врски, Миле Јанаќиески, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димоски, со директорот на Агенцијата за странски инвестиции, Виктор Мизо, како и со претставници на катастарот и други надлежни институции .


Индискиот бизнисмен кој ќе отседне во хотелот „Инекс Горица“, во текот на утрешниот ден, предвидено да ги посети терените во Љубаништа каде е најавено дека ќе се гради најголемиот ресорт на природно езеро во Европа.

Покрај туризмот, сфера на интерес на Рој е и можноста за инвестирање во филмската индустрија и земјоделството.


OhridNews  дознава дека индискиот бизнисмен денес ќе го посети и хотелот „Славија Спектар“, за кој претходно беше кажано дека исто така е во сферата на интересите на компанијата „Сахара Индија Паривар“.

По завршувањето на посетата на Охрид, Субрата Рој оди за Скопје,  каде ќе присуствува на поставувањето на камел темелникот за спомен обележјето на Мајка Тереза.

OhridNews
фото: Емилио