Голем број верници учествуваа на свечената литија со моштите на св. Георгиј Победоносец, што вчера попладне се одржа  во Струга, по повод празникот Ѓурѓовден.


После свечениот дочек на светите мошти од манастирот во Рајчица, во централниот струшки храм Свети Ѓорѓија се одржа празнична вечерна богослужба со која началствуваше Високопреосвештениот митрополит г.Тимотеј.



Откако богослужбата заврши, илјадници верници спонтано организирани во свечена поворка се упатија низ улиците и центарот на градот. Раскошната поворка со која се носеше чудотворната икона на светецот и неговите свети мошти, беше збогатена со знамиња, крстови и оркестар кој свиреше свечена музика.


Во литијата, што ја предводеше митрополитот Тимотеј свое учество имаа монасите од манастирот Св. Јован Бигорски и сестринството од манастирот Св. Ѓорѓи во Рајчица.


Моштите на Св. Георгиј Победоносец се донесени во Македонија во 2003 година од Светогорскиот скит Кавсокаливија, преку архимандриотот Епифаниј од Атина. Подарени му се на архимандриото Партениј за метохот на  Св. Георгиј Победоносец во с.Рајчица, Дебар. Инаку моштите, се надалеку познати и по своето чудотворство и исцелителност.

OhridNews