Уникатната културна манифестација „Ој љубов, љубов“ оваа година во буквална смисла мина во знакот на љубовта.
Омилениот настан на охриѓани на алтернативното културно лето што го организира Културолошка иницијатива „5 до 12“ – традиционалната пловидба на Охридското Езеро со староградска музика на ансамбл „Билјана“, беше разубавена со запросување на вода на двајца млади од Охрид. Убавиот момент со „бакљи“ дополнително го разубавија охридските навивачи „Blue Forcе“ за општа еуфорија кај старото пристаниште.
И покрај свежото време на пловидбата со староградска музика се приклучија голем број охриѓани со кајчиња, катамарани, суп даски и други пловила, а настанот се следеше и од старото пристаниште и кејот.
Ансамблот „Билјана“ и оваа година на охриѓани и посетителите им приреди уште една незаборавна пловидба на Охридското Езеро со звуците на убавата староградска музика.
Фото: А. Момироска
















































