Црвен крст Охрид и годинава во соработка со СВР Охрид и Територијалната противпожарна единица од Охрид продолжуваат да ги увежбуваат оперативните планови за заштита, спасување и евакуација, особено во основните и средните училишта во Охрид и Дебрца. Денес показна вежба за евакуација и спасување според соодветно сценарио на случен земјотрес и пожар успешно беше реализирана во ОУ „Кочо Рацин“ Охрид.
Денес сме во ОУ „Кочо Рацин“ бидејќи и тие се вселени во нова зграда и добро е да се разработи планот, односно вработените и учениците да знаат како да постапат во случај на елементарна непогода и како да се евакуираат. Показната вежба денеска беше според соодветно сценарио на случен земјотрес и пожар, каде што, навистина, многу брзо, многу организирано и одговорно целиот персонал во училиштето заедно со учениците ја напуштија зградата и се упатија на собирното место на спортското игралиште. Интервенираа и соодветните екипи, екипата на ТППЕ Охрид, СВР Охрид, Секторот за превенција, сообраќајна полиција и секако, Црвениот крст Охрид и Итната медицинска помош. Многу значајни активности се овие, затоа што и за нас како институции кои треба да реагираме, секоја ситуација е нова и добро е да се разработи, да се види како функционира системот, каде се патеките на движење и како може да се интервенира. Имавме, според сценариото и двајца ученици повредени, коишто беа третирани од тимовите за прва помош на Црвен крст Охрид и, секако, извлечени претходно од противпожарната единица, вели претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков.
Посочува дека постои Закон за заштита и спасување, којшто налага и во сите правни субјекти, особено во основните училишта, да се вршат вакви показни вежби еднаш во една до две години.
Тоа го правевме ние и во установи и организации како КОСТАЛ, ОДВ, ЛТХ Леарница, оние коишто беа заинтересирани, секако, го правиме секаде каде што ќе има потреба. Секторот за превенција при СВР Охрид, Црвениот крст, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување се тука во координација да изготвиме и сценарио и да подготвиме сè што е потребно, за да биде успешна една ваква симулациска вежба, истакна Точков.
Додава дека показна вежба била реализирана пред два дена во ОУ „Свети Наум Охридски“ во Пештани, потенцирајќи дека токму со овие вежби се констатираат одредени пропусти, забелешки, коишто ги нотираат во соодветен извештај и ги даваат до институциите, односно прво до училиштето, а тоа понатака го дистрибуира онаму каде што е потребно.
Во ОУ „Свети Наум Охридски“ во Пештани е многу проблематичен пристапот до училиштето. Многу е тесен патот, а и постојано се паркирани возила, така што тука е многу проблематично да интервенираат соодветните служби онака како што е потребно. Исто така, на самиот пат што поминува низ селото во правец на Свети Наум нема никаква ознака дека се наоѓа тука училиште. Нема никакви знаци за застанување, за успорување на движењето на возилата, а значи е многу потребно и неопходно. Исто така, во дел од училиштата увидовме дека одредени знаци, стрелки за излез се неправилно, обратно поставени од она што е потребно и тоа е коригирано. Значи, ги нотираме сите пропусти, ги даваме, сè со цел да се надмине проблемот, додава Точков.
Директорката на ОУ „Кочо Рацин“, Славица Котеска, ја потенцира важност од реализацијата на ваквите вежби, посочувајќи дека безбедноста на децата е најважна.
Денешната вежба помина во најдобар ред, без паника, без повредени. Нашите ученици и вработени покажаа дека се одговорни и дисциплинирани. Безбедноста на децата ни е на прво место и затоа овие вежби се од исклучителна важност, посебно што оваа година се наоѓаме и во нов училишен објект, да знаеме како да реагираме доколку ова навистина се случи, додава Котеска.
Фото галерија:
Показна вежба за евакуација во ОУ „Кочо Рацин“, безбедноста на децата на прво место
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска


































































