По идеја и иницијатива на проф.Димче Донески, а во организација на Училишната библиотека од Косел, како и во изминативе години, така и оваа, по повод Велигденските празници, се организира Велигденска изложба на најдобро украсено јајце и највелигденска кошничка. Овојпат, поради зголемениот интерес, на изложбата со свои трудови учествуваа и учениците од Вапила, Куратица, како и од училиштето во Лескоец.
Повеќе од двесте украсени велигденски јајца и над дваесетина велигденски кошнички, со исто толку уникатни ученички креации учествуваа во натпреварот за НАЈЈАЈЦЕ И НАЈКОШНИЧКА.
На денот на отворањето на Изложбата, во петокот, на празникот Велигдена Мајка, во просториите на училишната библиотека во Косел, на величествена трпеза беа поставени вредните и со љубов сработени велигденски јајца и кошнички, а голем број ученици, наставници, родители и други граѓани од локалната средина присуствуваа на отворањето на оваа ваква ретко видена изложба.
По овој повод беше формирана и осумчлена жири – комисија составена од директорорт, стручната служба, ликовен педагог, други наставници од централното и од подрачните училишта, како и родители и членови –ученици . Повеќе од еден час разгледување и вреднување и требаше на комисијата за да донесе одлука и да ги прогласи најдобрите трудови. Сепак, на крајот се одлучи да се доделат по две први, две втори и две трети награди и уште десетина други од трудовите да бидат и јавно истакнати со пофалница за својот креативен ум.
Велигденската изложба ќе биде отворена до 10 мај, односно до денот на патронатот на училиштето”Ванчо Николески”.
За оние шт оќе бидат спречени да ја посетат библиотеката и изложбата, организаторот испраќа десетина фотографии кои ќе ви ги насладат очите и душата.