Невремето проследено со силен ветер што денеска го зафати Охрид предизвика поплави во кафулиња и плажи во центарот на градот. 

Разбрануваното езеро го искрши дрвениот мост на желбите, кој населбата Канео ја поврзува со центарот и предизвика оштетувања на плажата Потпеш.

-Ние мештаните и угостителите имаме големи проблеми при надоаѓање на водата, а особено кога дува југ, како што е сега. Стравуваме дека ќе дојде до оштетувања на нашите објекти како што беше пред околу пет години и апелираме до надлежните за поголемо испуштање на езерото за да не дојде до поголеми штети. – изјави Томе Тримчев, концесионер на плажа Потпеш.

Состојбата со нивото на Охридското Езеро ја следи работна група на „ЕЛЕМ“ и општините Охрид и Струга, од каде велат дека се прават максимални напори да не дојде до посериозни последици.

– Согласно водостопанската дозвола која ни е дадена при големи води Охрид може да биде на ниво од 694 м.н.в.. Во минатото Охридското Езеро било на тоа ниво, дури и повисоко, 2010 година тоа било на 694.06 м.н.в.. Ќе се трудиме да не достигне ниво од 694 м.н.в., но во наредниот период се очекуваат денови со поголеми врнежи и ветрови, кои може да направат бранови кои имаат некакво влијание. Отворот на Дрим го држиме на максимално ниво за да не се направи штета ниту на Охрид, ниту на Струга. – изјави пред два дена генералниот директор на ЕЛЕМ Драган Миновски.

Поинтензивни врнежи од дожд, проследени со силен ветер и грмежи се очекуваат во текот на вечерта и утрешниот ден.

OhridNews